Владата организира Меѓународна конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, која ќе се одржи на 14 март и ќе обедини претставници на институциите, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери. Конференцијата има за цел да се направи една сеопфатна анализа на одговорот на трагедијата, од првичната интервенција и спасувањето животи, до долгорочниот третман, рехабилитацијата и системските решенија за иднината, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Таа вели дека посебна вредност на оваа конференција е присуството на 37 лекари и медицински експерти од странство, кои во најтешките денови по трагедијата во Кочани директно учествувале во лекувањето на пациентите.
Во Скопје ќе пристигнат доктори од клиники и здравствени центри од повеќе европски земји, токму оние институции кои ги отворија своите врати кога беше најпотребно на Македонија.
Според Митева, нивното присуство на оваа конференција претставува можност искуствата од заедничката работа да се претворат во знаење, протоколи и системски решенија кои ќе придонесат за подобра подготвеност на здравствените системи во иднина.
„Во рамки на конференцијата ќе се одржат повеќе тематски панели посветени на повеќе аспекти.
Ќе зборуваме за европскиот механизам за цивилна заштита и меѓународниот одговор – координација, солидарност и искуства. На овој панел ќе се дискутира за активирањето на европските механизми за помош, меѓународниот медицински одговор и трансферот на пациенти, како и за координацијата меѓу државата, институциите и здравствениот систем. Посебен фокус ќе биде ставен на логистичките, правните и организациските аспекти на ваквите операции, како и на научените лекции“, рече Митева.
Понатаму, додаде таа, ќе се фокусираме на национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгорениците.
„Овој панел ќе се фокусира на медицинскиот аспект на кризата, од првичната тријажа и итниот медицински одговор, до комплексниот третман на тешки изгореници. Ќе се разгледуваат хируршките и пулмолошките аспекти на третманот, како и координацијата меѓу различните клиники и здравствени установи во земјата и регионот“, рече Митева.
Третиот панел ќе биде посветен на долгорочниот процес на закрепнување на пациентите.
„Ќе се зборува за мултидисциплинарната соработка во третманот, рехабилитацијата, физикалната медицина и функционалното враќање на пациентите, како и за психолошката и психијатриската поддршка. Посебно внимание ќе биде посветено на долгорочното следење и подобрувањето на квалитетот на живот на преживеаните. Ќе зборуваме како од искуство се стигнува до нови решенија, за улогата на заедницата, институциите и научените лекции. Ќе се дискутира за болничките капацитети во услови на криза, европските стандарди, како и за улогата на хуманитарните организации и несебичната поддршката од страна на заедницата“, рече Митева и додаде дека на завршна сесија ќе се презентираат идните решенија и системски чекори кои ги преземаат институциите.
Текстот Една година по пожарот во Кочани, лекари и медицински експерти од странство ќе направат сеопфатна анализа на одговорот на трагедијата е превземен од МАКФАКС.























