Општина Аеродром започна со реализација на уште еден значаен и капитален инфраструктурен проект – целосна реконструкција на пешачките површини кај ТЦ „Три бисери“, простор што секојдневно го користат голем број наши сограѓани, известува Општината.

„Со овој проект ќе се уредат околу 4.000 квадратни метри јавен простор, на потегот покрај бул. „Јане Сандански“ – од зграда број 7 до зграда број 11.

При тоа, старите и дотраени павер-елементи се заменуваат со нови и современи, со што овој фреквентен дел од Аеродром ќе добие модерен и уреден изглед. По неколку децении, конечно се создаваат услови за поголема безбедност и поквалитетен јавен простор за жителите, но и за сите посетители на трговскиот центар“, велат од Општината.

„Оваа инвестиција, во вредност од 17,2 милиони денари, се реализира со поддршка од Владата, што претставува уште еден чекор кон системско подобрување на инфраструктурата и урбаниот изглед на нашата општина.

Продолжуваме посветено да инвестираме во проекти што го подобруваат секојдневието на граѓаните и го разубавуваат Аеродром“, додаваат од Општината.

Текстот (Фото) Започна реконструкцијата на јавните пешачки површини кај ТЦ „Три бисери“ е превземен од МАКФАКС.