Бугарскиот аниматор Калојан Атанасов ја освои својата трета индивидуална награда „Еми“ за извонредни достигнувања во анимацијата. Признанието му е доделено за неговата работа на шоуто „Jentry Chau vs. The Underworld“, на кое работи со години. „Ова е мојата трета награда и сум многу среќен што ја освоив“, изјави Атанасов во директно вклучување од Лос Анџелес, појаснувајќи дека признанието е конкретно за неговата работа на дизајнот на ликови, јавува Euronews Bulgaria, пренесува Трибуна.

Аниматорот раскажа дека проектот е резултат на долгогодишен труд – речиси осум години работа, од кои пет во активна продукција. „Многу работа и многу време беа потребни за да стигнам до оваа награда. Многу луѓе ми помогнаа да стигнам дотука“, рече тој. Според него, најголемото задоволство е тоа што серијата е реализирана и стигнува до гледачите: „Тоа што шоуто е направено и луѓето можат да го гледаат, е доволно за мене. Наградата е само плус.“

Роден во Пловдив, Атанасов веќе години живее во Соединетите Американски Држави, каде што ја развива својата кариера. Тој признава дека на почетокот сакал целосно да се интегрира како Американец, но денес чувствува припадност и кон двете земји. „Во моментов се чувствувам и Бугарин, и Американец“, вели тој. Уметникот црта уште од рано детство и цртањето го определува како свој најлојален сопатник: „Цртањето е мојот најблизок пријател и нешто што секогаш ме води напред.“