Околу 30.000 Грузијци протестираат вечерва на улиците во Тбилиси во последниот круг од повеќенеделниот масовен протест против законот за „странско влијание“ чие усвојување од парламентот предизвика бура од меѓународна осуда.
Пратениците на владејачката партија Грузиски сон го изгласаа законот во вторникот вечерта, пркосејќи на демонстрантите, кои се загрижени дека поранешната советска република се оддалечува од прозападниот курс назад кон Русија.
Овој потег предизвика бран протести без преседан во поновата историја на кавкаската црноморска нација, каде според анкетите повеќе од 80 отсто од населението сака да се приклучи на Европската унија и НАТО и е цврсто анти-Кремљ.
Во средата навечер, околу 30.000 демонстранти се собраа пред грузискиот парламент, според репортерот на АФП од местото на настанот, пренесува Barrons.com.
Министрите за надворешни работи на Естонија, Исланд и Литванија, кои беа во посета, се приклучија на маршот кон местото на протестот, пред да се обратат на толпата во знак на солидарност со демонстрантите.
„Овде ги поддржуваме аспирациите на грузискиот народ да биде дел од Европската унија и НАТО“, изјави литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис. „Ние стоиме со нив, тие не се сами, нивните грижи се слушаат, тие се поддржани“, додаде тој.
На митингот беа изведени државната химна на Грузија и Ода на радоста на ЕУ.
Претходно во средата, илјадници демонстранти блокираа голема патна раскрсница во Тбилиси, парализирајќи го сообраќајот во централните области на главниот град, објави OC Media.
Thousands of protesters have blocked Heroes Square, one of Tbilisi’s largest intersections, after marching down to the square from the Tbilisi State Concert Hall.
➡️ Live updates: https://t.co/YCvjxO6taU pic.twitter.com/yIXjfXIBHM
— OC Media (@OCMediaorg) May 15, 2024
„Веќе повеќе од еден месец излегуваме по улиците од ден на ден и не се повлекуваме додека не се укине овој руски закон“, изјави 19-годишната студентка Анука Липартелиани за АФП.
НАТО, САД и ЕУ ја повикаа Грузија да го повлече законот за странски агенти
Одлуката на грузиската влада да донесе закон за таканаречените „странски агенти“ е чекор во погрешна насока и ја оддалечува Грузија од европската и евроатлантската интеграција, изјави денеска портпаролката на НАТО, Фара Даклала, откако грузискиот парламент вчера го изгласа законот кој предизвика неколкунеделни масовни улични протести.
„Ја повикуваме Грузија да го промени курсот и да го почитува правото на мирни протести“, напиша Даклала на социјалната мрежа „Х“, а пренесе Гардијан.
Реакции стигнаа и од Советот на Европа. Генералната секретарка Марија Пејчиновиќ изјави дека разочарува усвојувањето на нацрт-законот во третото читање, без да се чека мислењето на Венецијанската комисија.
„За жал, беше игнорирана загриженоста на меѓународните партнери во врска со неусогласеноста на нацрт-законот со европските демократски стандарди и стандардите за човекови права, додека недостатокот на вистински парламентарни расправи не е во согласност со инклузивен демократски процес“, рече Пејчиновиќ.
Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, исто така, ја повикаа Грузија да го повлече законот за странски агенти и предупредија дека овој потег може да има негативно влијание врз напредокот на Грузија на патот кон ЕУ.
„Изборот кој пат да се оди напред е во грузиски раце. Ги повикуваме грузиските власти да го повлечат законот“, рекоа двајцата европски претставници.
Во меѓувреме, САД ја предупредија Грузија да не стане „противник на Западот“ со тоа што ќе се врати на линијата со Москва. Помошникот државен секретар на Вашингтон, Џим О’Брајан рече дека усвојувањето на законот за „странски агенти“ може да биде уште една пресвртница во проблематичната историја на поранешната советска држава.
О’Брајан рече дека американското финансирање на Грузија наскоро може да биде повлечено. Милијарди долари беа потрошени од САД за обнова на Грузија по падот на Советскиот сојуз, а стотици милиони долари беа планирани за грузиската економија и војската.
Среде тековните протести и репресии од страна на грузиската влада, повеќе истакнати европски политичари ја посетуваат Грузија за да ја изразат својата поддршка за демонстрантите. Претседателот на Комитетот за надворешни работи во германскиот Бундестаг, Мајкл Рот, бил меѓу оние кои присуствуваа на вчерашниот протест во Тбилиси, а искуството го опиша како „еден од најтрогателните моменти“ во неговиот политички живот, пишува Гардијан.
Грузиската претседателка најави вето на законот
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабичвили најави в ето на Законот, но владејачката партија „Грузиски сон“, сепак, има доволен број пратеници во парламентот за да го отфрли најавеното претседателско вето.
Демонстрантите се загрижени дека Владата ќе го искористи законот за да ги потисне своите противници, пренесува Би-би-си. Се прават паралели со авторитарниот закон кој во Русија стапи на сила во 2012 година и кој Кремљ оттогаш го користи за да ги запре неистомислениците.
Демонстрантите синоќа ја нападнаа полицијата која ги чуваше страничните влезови на парламентот. Неколку лица беа уапсени откако се обиделе да ги пробијат железните бариери во близина на зградата. Атмосферата беше тензична и во грузиското Собрание, со физички и вербални пресметки меѓу пратениците од власта и опозицијата.
Како што објави предходно ЦИВИЛ Медиа, грузискиот парламент на 17 април го одобри законот за „странски агенти“ во прво читање. Документот го поддржаа 83 пратеници, ниту еден не гласаше против, по што избија жестоки судири помеѓу демонстрантите и полицијата во главниот град на Грузија, Тбилиси, во вторникот, додека парламентот на земјата продолжи со расправата за контроверзниот нацрт-закон за „странски агенти“, критикуван од западните и домашните противници како авторитарен и инспириран од Русија.
Нацрт-законот, кој критичарите го нарекоа „руски закон“ поради паралелите со законодавството што го користи Кремљ за сузбивање на несогласувањето, повторно беше воведен за дебата од владејачката партија Грузиски сон, откако беше отфрлен минатата година поради бранот протести.
Законодавството, кое ќе бара од организациите кои прифаќаат средства од странство да се регистрираат како странски агенти или ќе се соочат со парични казни, беше критикуван од западните земји, вклучително и САД и Велика Британија, а групите за човекови права го гледаат како обид за намалување на основните слободи во земјата.
Грузиската претседателка Саломе Зурабичвили изјави дека го смета контроверзниот нацрт-закон за странски агенти за ужасна идеја и дека е дел од руската „хибридна војна“, истакнувајќи дека истото го покажало и грузиското општество со излегувањето на улица против донесувањето на законот кој таа го нарече „руски закон“
Сега, кога сме еден чекор поблиску до ЕУ, кога до крајот на годината би можеле да имаме отварање на преговорите за интеграција, што е многу значаен чекор, затоа Русија „ја започнува својата хибридна стратегија“ за да ја попречи Грузија од нејзиниот пат кон интеграција во ЕУ, истакна грузиската претседателка и додаде дека на Русија „очигледно и помагаат [грузиските] власти денес“
Драган Мишев