590 нови полициски службеници ,кои ќе ѝ служат на својата земја и ќе го штитат животот и имотот на своите сограѓани беа промовирани во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството на МВР, присуствуваа и претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и претставници на дипломатскиот кор во земјата . Пендаровски изрази уверување во кандидатите дека се посветени професионалци кои одговорно и доследно ќе ги извршуваат своите задолженија

„Од денес во ваши раце ќе биде сигурноста и безбедноста на целата заедница, во ваши раце ќе биде зачувувањето на мирот во земјата и спокојниот живот на граѓаните. Без разлика на родовата, етничката или верска припадност вие носите иста униформа, дел сте од истата институција и заеднички ќе се борите против заедничкиот непријател на нашата заедничка држава, а тоа е криминалот“, вели Стево Пендаровски.

Министерот Спасовски потсетувајќи се на неодамнешните насилни протести го потенцираше значењето на полициската професија за безбедноста на институциите, граѓаните и државата:

„Полициските службеници кои беа на браникот на државните институции, меѓу кои, за жал, имаше и повредени, најпластично ја демонстрираа непоколебливоста, подготвеноста, храброста и жртвата за заштита на државата и за гарантирање на безбедноста на граѓаните“, посочи Оливер Спасовски.

Спасовски потенцираше дека успешното функционирање на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава.Инаку од вкупно пријавените 625 кандидати, обуката успешно ја завршиле 590 кандидати, од кои 487 машки и 103 женски со среден успех на генерација од 523 бодови од можни 600.На церемонијата беа доделени плакети за 18 најдобри кандидати од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2021/2022 беше прогласен Стефан Митаноски, на кого му беше доделена свечена плакета од претседателот на државата.