Новак Ѓоковиќ призна дека направил „грешка во проценката“ со тоа што продолжил со интервју со француски новинар додека бил позитивен на ковид-19 и призна дека член на неговиот тим доставил лажна изјава до австралиската влада за неговата историја на патување. Но, светскиот тенисер број 1 инсистираше на тоа дека другите извештаи за неговите активности по неговиот позитивен тест за ковид-19 биле „дезинформации“ и биле „многу навредливи“ за неговото семејство. Ѓоковиќ ги даде коментарите на 12 јануари на Инстаграм, осврнувајќи се врз контроверзите околу неговите напори да остане на Австралија опен. 34-годишниот Ѓоковиќ влезе во Австралија во минатата недела со изземање од вакцинација поради позитивен тест за ковид-19 на 16 декември. Следниот ден, сепак, тој се појави без маска на промоцијата на поштенска марка со неговиот лик и на настан во Белград за млади тенисери.

Во објавата на Ѓоковиќ на Инстаграм не се споменува церемонијата за поштенската марка, но се вели дека тој ги добил позитивните резултати од ПЦР тестот на 17 декември откако присуствувал на младинскиот тениски настан.

Ѓоковиќ на 18 декември рече дека ги откажал сите настани, но одлучил да продолжи со интервјуто за француското издание L’Equipe и фотосесијата. „Се чувствував должен да продолжам и да го спроведам интервјуто за L’Equipe бидејќи не сакав да го изневерам новинарот, но се погрижив да се дистанцирам и да носам маска, освен кога се фотографирав“, рече тој.

„Додека по интервјуто отидов дома за да се изолирам за потребниот период, размислив дека тоа беше грешка во проценката и прифаќам дека требаше да ја презакажам оваа обврска“, рече тој. Изјавата на Ѓоковиќ, исто така, се однесува на пријавената неусогласеност во неговата патна декларација, која беше објавена од Федералниот окружен и семеен суд на Австралија претходно оваа недела.

Декларацијата покажа дека тој потврдува оти не патувал о 14-те дена пред да слета во Австралија, но наводно бил во Србија пред да замине од Шпанија. Тој тоа го припиша на „човечка грешка“ од страна на членот на неговиот тим за поддршка. Изјавата на Ѓоковиќ доаѓа во момент кога австралискиот министер за имиграција Алекс Хок размислува дали повторно да ја укине визата на Ѓоковиќ и да го депортира пред започнувањето на Австралија опен, на 17 јануари.