Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги посети руските трупи вклучени во воената операција во Украина, јавија денеска руските медиуми, и тоа е негово прво појавување во јавноста по бунтот викендов на паравоената група Вагнер.
Шојгу не го коментира бунтот на лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин, и неговото барање да се сретнат во Ростов во саботата, додека конвој на Вагнер патуваше кон Москва.
Руските медиуми објавуваат дека Шојгу се сретнал со генерал-полковник Никифоров, командант на групата „Запад“.
Шојгу посветил посебно внимание на организацијата за поддршката за војниците вклучени во „специјалната воена операција“ и создавањето услови за безбедно распоредување.
Платениците предводени од шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, напредуваа кон Москва за да го отстранат, како што го нарекоа, корумпираното и неспособно руско воено раководство, пред ненадејно да се упатат назад во областа контролирана од Русија во источна Украина по договорот со Кремљ со посредство на белорускиот лидер Александар Лукашенко.