Бруклин Нетс успеа да победи на гости во „Стејплс центарот“ против Лос Анџелес Лејкерс, со 122:115, во еден од петте меча кои се играа во НБА лигата.

Шоу на теренот направија најголемите ѕвезди на двата тима. Џејмс Харден беше предводник на победничкиот тим со трипл-дабл од 36 поени, 10 скока и 10 асистенции.

Најпрецизен на теренот беше Леброн Џејмс со 39 поени, 9 скока и седум асистенции, но и покрај блескавата игра на Кралот, Лејкерси не стигнаа до победа.

За тимот од ЛА ова беше 18-ти пораз во 34 натпревар сезонава, додека Бруклин стигна до 22 победа во 31 меч.

Јута Џез на свој терен славеше против Далас со 120:116, а во дербито на денот, Голден Стејт со 116:107 победи на теренот на Феникс санс.

Стеф Кари со 33 поени беше предводник на Воините, кои сега се тимот со најдобар биланс во лигата и имаат 27 победи и само шест порази. За Феникс ова беше само шести пораз, а имаат и 26 триумфи.

Милвоки со пресврт стигна до победа над Бостон од 117:113, а Њујорк ја победи Атланта со 101:87.