Балканот е зафатен од бран нестабилно време и на сила е црвен метеоаларм за поголемиот дел од регионот, предупредуваат метеоролозите.

Синоќа Истра беше погодена од силно невреме. Во Умаг и околината за само неколку часа наврнаа 100 литри дожд на квадратен метар, а град со големина на орев направи сериозни штети. Улиците беа поплавени, а надлежните предупредуваат дека нестабилноста ќе продолжи и во следните денови.

Србија, пак, е пред нов удар на невреме. Според најавите на РХМЗ, западните и југозападните делови на земјата, преку Шумадија и Поморавје, па сè до истокот, ќе бидат зафатени од поројни дождови, грмежи, локална појава на град и силни налети на ветер.

Во Босна и Херцеговина уште денес облачноста и врнежите ќе ја зафатат западната и југозападната област, а во петок речиси целата земја ќе биде под дожд и грмежи. Очекуваниот пад на температурите е за околу десет степени, што ќе донесе барем мало олеснување по горештините, но и зголемен ризик од поплави.

Метеоролозите предупредуваат дека во делови од регионот може да има краткотрајни поплави, штети од град и прекини во сообраќајот, а конкретни предупредувања за загрозените подрачја ќе се издаваат навремено.

Сепак, од недела се очекува стабилизирање на временските услови. Температурите на Балканот ќе се движат меѓу 22 и 28 степени, додека на југот на регионот повторно ќе се искачат до 31 °C.

Текстот Црвен метеоаларм на Балканот, се очекуваат поројни дождови, грмежи и силен ветер е превземен од МАКФАКС.