Емотивно дочекан говорот на украинскиот претседател Володомир Зеленски во Европскиот парламент. Пратениците беа облечени во маици со украинското знаме и држеа транспаренти на кои беше напишано „Стоиме зад Украина“. Зеленски преку видео обраќање од високите европски претставници порача да докажат дека стојат зад Украина, откако земјата официјално побара да се приклучи во Европската Унија.

„Исто така се бориме да бидеме еднаква членка во Европа, верувам дека покажуваме дека сме тоа, ЕУ ќе биде многу посилна со Украина, а Украина без ЕУ ќе биде осамена. Ја докажавме нашата сила, и дека во најмала рака сме исти како и вас, така што сега докажете дека сте со нас, докажете дека нема да нѐ напуштите, докажете дека сте навистина Европејци“, рече Зеленски.

Шефицата на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен порача дека Европа нема да дозволи Украина да не постои, зашто така одлучил рускиот претедател Владимир Путин.

„Претседателот Зеленски и Украинците се вистинска инспирација. И кога последно зборувавме, тој повторно ми кажа за сонот на граѓаните да се пруклучат во нашата Унија. Денес Европската Унија и Украина веќе се поблиску откога било. Сè уште има долг пат пред нас. Мораме прво да ја завршивме оваа војна и да зборуваме за следните чекори“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.

Првиот човек на Европскиот Совет, Шарл Мишел, ја обвини Русија за геополитички тероризам. Тој побара од Европскиот Парламент да даде целосна поддршка на Украина за војната која ја предизвика Русија.

„Нашиот трансатлантски сојуз е силен, обединет и совршено координиран. Тесно соработуваме и со членките на Г7 и со Обединетите нации. И сè повеќе земји се вклучуваат во антивоена коалиција заедно со луѓе од целиот свет, со една заедничка порака: Русија! Престанете со војната! Оди си дома! Да разговараме“, порача Мишел.

Со длабока загриженост ги гледаме упорните обидите на Русија за дестабилизација на земјите од Западен Балкан и вмешаност во нивните демократски процеси. Ова е наведено во текст – резолуцијата која доцна попладнево ќе се најде на гласање пред еворпските пратеници. Во неа се осудуваат земјите кои дадоа поддршка за Русија за агресијата кон Украина, се осудува и Србија која не ги поддржа санкциите на ЕУ за Русија, а во тексот – резолуцијата се поздравува поддршката што другите земји од Западен Балкан ѝ даваат поддршка на Украина.

Игор Стефановски