Ivan Blazhevski

Advertisements

 Право на глас во Бугарија имаат повеќе од 6,7 милиони граѓани, но се очекува многу од нив утре да останат дома поради зголемената загриженост за новиот бран на корона вирусот. Оние пак, коишто сепак ќе гласаат, според анкетите, најмногу поддршка ќе ѝ дадат на поранешната владејачка партија ГЕРБ. Таа ќе заврши прва, но неодамнешните истраги за наводна корупција за време на мандатот на екс-премиерот Бојко Борисов ги ограничуваат неговите шанси да најде коалициски партнери за нов мандат.

 „Социолошките агенции ни прават голема беља со тоа што објавуваат дека сме во голема предност. Нашите противници полудуваат и дејствуваат нелегално вршејќи притисоци врз нашите луѓе.“

„Победник на изборите во недела ќе биде ГЕРБ, партија која во минатите години беше причина за многу протести и тие протести во минатите избори доведоа до многу гласови за нови партии кои ги прибраа гласовите на демонстрантите.“

Анкетите покажуваат дека седум партии би можеле да го поминат прагот од 4 отсто за да влезат во Парламентот. Освен ГЕРБ, место се очекува за движењето „Продолжуваме со промена“, Социјалистичката партија и „Има таков народ“ на Слави Трифонов. Тој тесно победи на изборите во јули, но сега очигледно ќе биде казнет од гласачите бидејќи се покажа дека не може да формира Влада. На гласањето за нов претседател на државата пак, актуелниот шеф на државата, Румен Радев бара втор петгодишен мандат, а во кампањата ја користеше и состојбата со пандемијата.

„Напорите на сегашната Влада за справување со КОВИД-19 треба да бидат предвидливи. Се оди кон тоа, низ проблемите да се минува без да се затвора државата, без да се уништува економијата, ниту пак социјалниот или културниот живот на Бугарите.“

Радев, кој е голем критичар на Борисов и цврст поддржувач на минатогодишните антикорупциски протести, се смета дека сепак, утре нема да освои минимум 50% од гласовите. Тоа значи дека ќе мора да се организира и втор круг гласање на 21 ноември со противкандидатот Анастас Герџиков поддржан од ГЕРБ.