Францускиот Уставен совет не го прифати барањето на опозицијата за распишување на референдум со кој би се отфрлила пензиската реформа со која старосната граница за пензионирање се поместува од 62 на 64 години.

Ова е втор пат Уставниот совет, највисокото тело во Франција кое се занимава со уставноста на законите, да ги отфрли обидите на опозицијата за задржување на старото законско решение според кое лице се пензионира со наполнети 62 години.

Советот утврдил дека темата на предлогот на опозицијата не е неопходна реформа во однос на социјалната политика и затоа судиите сметаат дека таа ги исполнува условите утврдени со Уставот на Франција.

Опозициските пратеници, главно левичари, сакаа да започнат сложен процес за ревизија на законот со надеж дека тоа ќе доведе до отфрлање на непопуларната пензиска реформа на Макрон, која беше усвоена минатиот месец и покрај огромните протести и немири во земјата. Со предлогот се бараше распишување на референдум, а работа на Уставниот совет беше да утврди дали се исполнети законските услови за негово одржување.

Доколку одговорот беше позитивен, опозицијата ќе имаше девет месеци да собере доволно гласови за да распише референдум, што е 4,8 милиони гласови или 10 отсто од регистрираните гласачи во Франција.

Владата на Макрон, која нема мнозинство во парламентот, го протурка законот за пензиите без гласање во законодавниот дом на Франција. Синдикатите на оваа реформа гледаат како на закана за правата на работниците, додека Макрон тврди дека таа е неопходна за иднината на Франција.