Страдањето што го видовме досега во Украина има големи шанси да се влоши отколку да се подобри сè додека Русија ги следи овие методи, вели американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Тој потврди дека НАТО нема да донесе одлука за забрана на летови над украинското небо, бидејќи тоа лесно може да го ескалира конфликтот.

„Единствениот начин да се имплементира нешто како зона на забранети летови е да се испратат авиони во украинскиот воздушен простор и да се соборуваат руски авиони, а тоа може да доведе до целосна војна во Европа. Претседателот Бајден јасно кажа дека нема да влеземе во војна со Русија. Но, ќе направиме огромни напори со сојузниците и партнерите за да им обезбедиме на Украинците средства ефикасно да се бранат“, рече Антони Блинкен, американски државен секретар

НАТО на вонредниот состанок во петокот не одговори позитивно на барањето на Украина да прогласи зона на забранети летови за да се оневозможат понатамошни воздушни напади од страна на Русија. Претседателот Зеленски остро изјави дека одговорноста за изгубените животи од овој момент паѓа врз грбот на НАТО.

„Сите луѓе кои ќе умрат од денеска па натаму,  ќе умрат поради вас, поради вашата слабост, поради вашето неединство. Денес, Алијансата даде зелено светло за бомбардирање на украинските градови и села со тоа што одби да воспостави зона за забранети летови. Можеше да го затворите воздушниот простор. Не знам кого можете да заштитите и дали навистина сте способни да ги заштитите членките на НАТО“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина

Рускиот претседател Владимир Путин го повика Западот да не воведува дополнителни санкции. Вели – не сака ситуацијата да се влоши.

„Ние немаме лоши намери кон нашите соседи. Јас би ги советувал да не ја влошуваат ситуацијата, да не наметнуваат санкции. Ние ги исполнуваме нашите обврски и ќе продолжиме да ги исполнуваме. Не гледаме потреба да ја влошиме ситуацијата. Сите наши акции секогаш се одговор на непријателските дејствија против Руската Федерација“, рече Владимир Путин, претседател на Русија

Зона на забранети летови е зона каде што не би било дозволено да лета ниту еден авион, освен оние што го контролираат таквиот затворен воздушен простор. Тоа обично се презема за да се заштитат цивилите на теренот за време на војна, како и да се дозволи безбедно доставување на хуманитарна помош. Воените авиони имаат задача да го уништат секое друго летало што би влегло во забранетата зона. ЕУ не верува дека санкциите против Русија би можеле да имаат брзи ефект врз запирање на руските напади, но ЕУ нема да бара Зеленски да се предаде.

„Секако, ако некој очекува финансиските санкции да ја завршат војната утре, тој не знае што зборува. За жал, немаме капацитет утре да ја запреме војната. Имаме капацитет да влијаеме, да ја ослабиме руската економија многу повеќе, но дефинитивно ќе биде потребно време”, рече Јозеф Борел, шеф на дипломатијата на ЕУ. /Алсат.мк

Фатлуме Дервиши