Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) – На барање на Фудбалската федерација на Македонија изминатиот период претставници на ФИФА и УЕФА вршеа ревизија на финансиското работење на федерацијата, поврзано со проектите и активностите од користењето на средства од програмите „FIFA Forward“ за 2020 на ФИФА и „HatTrick 3 и 4“- инвестициски програми на УЕФА, соопшти ФФМ.
Во однос на користењето на средствата од програмата Forward за 2020 година на ФИФА, Фудбалската федерација на Македонија доби највисока оценка.
Наведено е дека средствата од развојните фондови на ФИФА, Фудбалската федерација на Македонија ги користи исклучиво наменски, односно по пропишаната процедура која вклучува детален опис на проектите, документација, процес на одобрување, имплементација и известување за проектите.
Претставници на УЕФА, оваа седмица на барање на ФФМ, вршат ревизија на трошоците и искористувањето на средствата од „HatTrick 3 и 4“- инвестициски програми на УЕФА. Преку оваа програма на УЕФА, ФФМ инвестира во подобрување на инфраструктурата на стадионите во државата, отворање на нови терени или реконструкција на постоечките со природна или вештачка трева, поставување рефлекторско осветлување итн.
-Со оглед на тоа дека се работи за строго наменски средства, ФФМ има обврска, а токму тоа и го прави, да ги извести надлежните во УЕФА за вложувањето на средствата за проектите реализирани преку програмата на УЕФА.
ФФМ како и досега ќе продолжи да ја обезбедува комплетноста и веродостојноста на своето финансиско работење за своите надлежни институции и останува отворена за сите прашања во однос на својата усогласеност со УЕФА и ФИФА, вклучително за распределбата и текот на финансиските средства за проектите од програмите на УЕФА и ФИФА, стои во информацијата на „Куѓата на фудбалот“.