Препорака за вакцинација и сугестија за граѓаните мора да има, но не по секоја цена и не со присила, вели за Инфомакс градоначалникот на Гостивар, доктор, но и поранешен министер за здравство Арбен Таравари.

Според него не смее да им се ограничува движењето на луѓето ако не се вакцинирани, туку тие треба да ги почитуваат превентивните мерки и да носат маски како што впрочем тоа треба да го прават сите луѓе.

Треба да им се сугерира на луѓето да се вакцинираат, но не по секоја цена. Не можеш да ги натераш луѓето на сила да се вакцинираат. Треба да се препорачува, да се инсистираа, но не да се ограничува движењето на луѓето ако не се вакцинирани, тоа веќе не е нормално. Ако не се вакцинирани треба да ги почитуваат превентивните мерки, да носат маска, ама не можеш да им кажеш дека мораат сите. Не можеш да им се мешаш на луѓето, има некој кој смета дека не треба да се вакцинира – вели Таравари.

Градоначалникот на Гостивар потенцира дека и вакцинираните можат да заболат, можат и да се реинфицираат и да го шират вирусот.

И тие што се вакцинирани можат да се заболат, можат да се реинфицираат, не во голем процент од 2 до 3 проценти можат да се реинфицираат и можат да бидат носители на вирусот апсолутно. Добро би било да се препорачува што повеќе луѓе да се вакцинираат, но не по секоја цена и да се воведуваат рестриктивни мерки на тие што не се вакцинирани – додава тој.

Иако е поборник за вакцинирањето Таравари потенцира дека власта претерува со рестрикциите и наместо навремено да започнеше со кампања во која на пошироката јавност ќе и ги посочеше бенефитите од вакцинацијата сега ги дискриминира граѓаните.

Кампањата за вакцинација требаше одамна да почне, пред да се започне со вакцинирање и континуирано да трае, да се убедат луѓето дека треба да се вакцинираат. А ние се уште немаме никаква кампања за вакцинирање за жал. Не треба да се претера, треба да се препорачува луѓето да се вакцинираат, треба да се придржуваме на мерките меѓутоа не да се претера со рестрикции и наложување за вакцинирање – заклучи тој.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.