Денеска стапи во сила Европскиот закон за чипови, кој воспоставува сеопфатен сет на мерки чија цел е да се гарантираат безбедноста на снабдувањето, прилагодливоста и технолошкото лидерство на ЕУ во секторот на технологиите и апликациите за полупроводници.
-Полупроводниците се основните составни елементи на дигиталните и дигитализираните уреди. Од паметни телефони и автомобили, преку апликации и опрема за здравството, енергијата, одбраната, комуникациите и индустриската автоматизација, полупроводниците се сржта на модерната дигитална економија, но тие, исто така, се во центарот на силните геостратешки интереси и глобалната технолошка трка, се наведува во соопштението на Европската комисија по повод стапувањето во сила на Законот.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Еврокомисијата очекува Законот за чипови да го зголеми нивното производство во Унијата, да стимулира создавање Европски дизајниран екосистем и да го поттикне зголемувањето на иновациите.