Светскиот ден на животната средина 2024 година се фокусира на обновување на земјиштето, запирање на опустинувањето и градење отпорност на суша под слоганот „Наша земја. Нашата иднина. Ние сме #ГенерацијаНаРеставрација (#GenerationRestoration).“
„Не можеме да го вратиме времето назад, но можеме да одгледуваме шуми, да ги оживееме изворите на вода и да ги вратиме почвите. Ние сме генерацијата која може да склучи мир со земјата,“ пишува на официјалната страница на Обединетите нации.
ЦИВИЛ се придружува кон одбележувањето на Светскиот ден на животната средина преку низа медиумски активности. Медиумската платформа на организацијата објавува информативни и едукативни содржини поврзани со заштитата на животната средина, борбата против климатските промени и поддршка на зелената агенда и циркуларната економија.
Денеска, во контекст на Светскиот ден на животната средина, ЦИВИЛ ќе ја објави и анализата „Перспективите на циркуларната економија во време на војна и несигурност“, чие резиме беше претставено на регионалната конференција на ЦИВИЛ и ЛогЕкс на 31 мај, како дел од иницијативата Недела на циркуларна економија на Западен Балкан.
ЦИВИЛ ја алармира домашната и глобалната јавност дека војните и конфликтите повеќекратно ги зголемуваат ризиците по животната средина. Енергетските, економските и социјалните кризи директно влијаат врз политиките и практиките поврзани со заштитата на животната средина. Се очекува од новите генерации да ја реставрираат планетата, но неопходно е претходно да им се создадат услови да ја преземат таа одговорност. Тоа е задача на сегашните структури на моќта и генерацијата на креатори на политиките и практиките кои ни оддалеку не прават доволно за да ги создадат тие услови.
ЦИВИЛ – Центар за слобода