Серхио Рамос во февруари идната година повторно ќе се врати во Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“, но овој пат како фудбалер на ПСЖ.

Повторената ждрепка во Лигата на шампиони ги спои двата гиганти во осминафиналето. Рамос беше капитен на „кралевите“, тим за кој играше цели 16 години. Тој изминатото лето не се договори за продолжување на соработката и како слободен агент му се приклучи на ПСЖ.

„Судбината е навистина чудна. Сигурно дека сакав да се сретнеме со некој друг клуб. Ја знаете мојата љубов и приврзаност кон Реал Мадрид и навивачите на овој клуб. Но, денеска сум играч на ПСЖ, ќе направам сè за мојот тим да помине понатаму“, рече Рамос по денешната ждрепка во Лигата на шампиони.