Fatlume Dervishi
Додека лидерите на земјите-членки на иницијативата „Отворен Балкан“ се собраа во Елбасан на работна вечера, во Тирана се одржаа протести против нив. Протестот го свика поранешниот премиер Сали Бериша, кој смета дека оваа иницијатива го дестабилизира регионот и ѝ дава сила на Србија. „Отворен Балкан“ и сите негови договори ќе бидат отфрлени откако Демократската партија ќе дојде на власт, најави Бериша пред насобраните.
„Тоа е проект со кој Вучиќ и Еди Рама го опколија Косово со непријателска маша и се обидуваат да ја уништат неговата независност. Денес, Србија на Вучиќ, уште повеќе од онаа на Милошевиќ, стана Мала Русија, Мала Русија. Мала Русија е закана за мирот и стабилноста на Балканот и Европа.“
А, Рама, Вучиќ и Заев во Тирана треба да потпишат уште неколку договори во рамките на дводневниот самит на „Отворен Балкан“. Тие се однесуваат на слободното движење на граѓаните, стоките и услугите. Утре преку видео-конференција ќе им се приклучи и еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји. Лидерите ќе потпишат:
Договор за создавање услови за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан.
Договор за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.
Соработка во ветеринарството, безбедноста на храната, добиточна храна и фито-нутриенти.
Договор за заемно признавање на овластувањата на економскиот оператор за безбедност (AEOС), Албанија – Србија и Албанија – Северна Македонија.
Тројцата премиери во пресрет на оваа средба уште еднаш ги повикаа и другите земји од Западен Балкан да се приклучат на иницијативата.
„Ја користиме оваа прилика уште еднаш да ги повикаме сите наши соседи да ни се придружат и да им ги понудат на своите граѓани поволностите што им ги нудиме на нашите граѓани. Преку слободното движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, нашата соработка може да ја поттикне трговијата и да го олесни животот на секој поединец во нашиот регион.“
Засега Косово, Црна Гора и Босна одбиваат да станат дел од „Отворен Балкан“ сметајќи дека преку таа иницијатива, јакне влијанието на Србија.