Руските напади се засилија во источните региони на Украина. Властите во Луганск соопштија дека во последните 24 часа биле извршени 35 артилериски напади во градовите во тој регион. Утринава воздушни напади погодиле станбени згради и градинка во Лисичанск. Регионалниот украински гувернер на Доњецк, изјави дека гранатирањето дошло од областите контролирани од проруските сепаратисти.

Гувернерот на Чернихив, Вјачеслав Чаус, изјави дека руските сили продолжиле да гаѓаат цивилни цели во неговиот град. Во видеото објавено од АП се покажуваат последиците од руските напади на локалниот пазар и покрај тоа што Москва најави дека ќе ја намали воената активност во областа.

„Таканареченото намалување на активноста во регионот на Чернихив беше демонстрирано со непријателски напади, вклучително и воздушни напади врз Нижин и во текот на ноќта тие го бомбардираа Чернихив“, изјави Вјачеслав Чаус, претседател на Чернихив.

Украинските власти соопштија дека руските сили ја нападнале и зградата на Црвениот крст во опколениот и уништен Мариупол. Пристанишниот град е опколен од руски сили и се проценува дека близу 160.000 цивили останале блокирани без пристап до вода за пиење, храна и други основни резерви.

Во меѓувреме, според Би-Би-Си, рускиот претседател Владимир Путин му рекол на својот француски колега Емануел Макрон дека бомбардирањето на Мариупол ќе заврши само кога украинските војници ќе се предадат.

Портпаролот на Кремљ ги минимизираше надежите дека е постигнат напредок по мировните разговори меѓу руската и украинската делегација во Истанбул.

„Не можеме да кажеме дека има нешто многу ветувачко или некаков напредок. Има уште многу работа да се заврши“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Но, советникот на украинскиот претседател Зеленски, Ихор Жовка, тврди дека преговорите напредувале. Според него, ова било првпат Русија да ја слушне украинската позиција наместо само да дава ултиматуми, пренесува Би-би-си. Според него, Украина не би преговарала за ниту еден сантиметар од својата територија кога станува збор за источните региони.

Турција пак, оцени дека рундата била најпрогресивна досега. Во овие разговори, Украина ги претстави своите мировни предлози, кои вклучуваат усвојување статус на воена неутралност во замена за безбедносни гаранции.

Шкелзен Аќифи