Русите ги егзекутираат тешко ранетите и невооружени украински заробеници во Авдиивка

Украинскиот парламентарен комесар за човекови права Дмитро Лубинец испрати писма до Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) и Обединетите нации за да ги разјаснат сите околности за пукањето во тешко ранетите украински бранители на позицијата Зенит, пренесува Укринформ според објавата на Лубинец на Телеграм.

Според него, украинските војници биле принудени да ја напуштат Авдиевка додека биле под континуирано бомбардирање од руската армија. Патиштата за евакуација и возилата беа гранатирани, а некои тешко ранети и загинати војници мораа да бидат евакуирани. Поради големата офанзива на руската армија, немаше можност за повторени обиди за евакуација.

Народниот правобранител извести дека поради целосното опкружување на упориштето Зенит, командата стапила во контакт со координативниот центар и организациите кои преговарале со непријателот. Целта на дијалогот беше да им се пружи помош на тешко ранетите украински војници кои не беа вооружени, во согласност со меѓународните закони и правила на ангажман кои ги штитат воените заробеници.

„Видеото објавено од непријателот од заземената позиција на Зенит откри што се случило по овие договори“, изјави Лубинец.

Семејствата на бранителите ги идентификуваа Хеорхиј Павлов, Андриј Дубњицки и Иван Житник како починати. Дополнително, Олександр Зинчук и Микола Савошик беа застрелани од руски војници. Информациите за шестиот војник се уште не се потврдени.

Народниот правобранител итно испрати писма до МКЦК и ОН за документирање на ова воено злосторство и разјаснување на сите околности.

„Ова не е првпат Русија грубо да го прекрши меѓународното хуманитарно право и Женевските конвенции со егзекуција на воени заробеници“, нагласи комесарот.

Комесарот го повика целиот цивилизиран свет да се обедини и да го зголеми притисокот врз Русија.

„За Русија нема закони и договори. Тие прифаќаат само сила“, нагласи Лубинец.

Предходно, на 18 февруари беше објавена порака на Телеграм канал во која се известува за егзекуција на шест заробеници на позиција во Авдиивка. Бранителите се тешко повредени и чекаат евакуација.

Понатаму, откриена е видео снимка која содржи фрагмент од убиството на уште двајца војници во близина на селото Веселе во областа Бахмут. Снимката со беспилотно летало прикажува руски војник како пука на празно поле, прво кон едниот заробен украински војник, а потоа кон вториот.

Службата за безбедност на Украина покрена предистражна истрага за пукањето на невооружените украински воени заробеници во Авдиивка и Веселе.

Брутална и ладнокрвна егзекуција на невооружени заробени украински војници е честа појава што ја спроведуваат припадници на руските окупаторски сили. За тоа пишуваше ЦИВИЛ МЕДИА во март 2023 година кога на социјалните мрежи се појави снимка од  бруталното убиство на невооружениот украински војник, Тимофиј Шадура, припадник на Копнените сили од 30-та посебна механизирана бригада, снимено со камера од страна на руските агресори додека го извршувале убиството..

Драган Мишев


ПРОЧИТАЈТЕ И:

Познат е идентитетот на невооружениот украински војник кој беше брутално убиен пред камера