Германската специјална полиција направи претреси во неколку објекти во германската покраина Саксонија, во рамки на истрагата за планот за убиство на премиерот на оваа покраина, Михаел Кречмер.
Според медиумите, неговата егзекуција била планирана од страна на антиваксери.
Рациите во Дрезден биле насочени кон поединци, членови на групата „Дрезден офлајн мрежа“, која ја користела апликацијата Телеграм за размена на пораки за плановите за убиство, соопшти полицијата, а пренесува „Дојче Веле“.
Претресите биле извршени по изјавите на членовите на групата на Телеграм, кои укажувале дека можеби поседуваат оружје.
Во Саксонија, која има втора највисока стапка на инфекција со коронавирус во Германија и најниска стапка на вакцинација, во последните недели се одржаа неколку протести предводени од противниците на рестриктивните мерки.
Портпаролот на Покраинската криминалистичка служба, Том Бернхард, изјави дека од утрово се вршат претреси на осомничените во рамки на истрагата против лица кои се осомничени за тешко кривично дело – подготовка за загрозување на државата. Предмет на полициската акција се пет лица – една жена (34) и четворица мажи на возраст од 32 до 64 години од Дрезден.
Едно од лицата, кај кое бил извршен претрес, сторил и дополнително кривично дело – навреда на полициски службеници и давање отпор на извршните органи. Германскиот јавен сервис „ЗДФ“ неодамна објави дека конкретни планови за атентат биле споделени во групата Телеграм, во врска со дискусијата за воведување задолжителна вакцинација.
Државното обвинителство во Дрезден веднаш започпна истрага, а премиерот Кречмер, кој бил главна мета на планираниот напад, истакнал дека против таквите лица мора да се преземат сите правни средства, за да можат носителите на јавни функции без страв да работат и да го кажат своето мислење.
Политичарите во Саксонија веќе долго време се мета на активностите на екстремните десничари и антиваксерите.
Така, на почетокот на месецов, поголема група на антиваксери дошла пред приватната куќа на министерката за здравство на Саксонија, Петра Кепенинг, носејќи бакли и тапани. Министерот за внатрешни работи на Саксонија, Роланд Велер, рече дека тоа е напад врз демократијата.