Путин не е политичар, тој е гангстер

ЈУЛИЈА НАВАЛНАЈА / WASHINGTON POST

На 16 февруари, еден месец пред закажаните „претседателски избори“ во Русија, мојот сопруг, Алексеј Навални, беше убиен во затвор по директна наредба на Владимир Путин. Никогаш не сакав да бидам политичар, никогаш не сакав да зборувам од говорница или да пишувам за меѓународни медиуми. Но, Путин не ми остави друг избор. Затоа, сакам да ви кажам неколку важни работи кои Алексеј се обидуваше да ги каже сите овие години.

За да се победи Путин, или барем сериозно да се казни, мора да се сфати кој е тој. За жал, премногу луѓе на Запад сѐ уште го гледаат како легитимен политички лидер, расправаат за неговата идеологија и бараат политичка логика во неговите постапки. Ова е голема грешка што создава нови грешки и му помага на Путин одново да ги измами неговите противници.

Путин не е политичар, тој е гангстер. Алексеј Навални стана познат во Русија и омразен од страна на Путин токму поради тоа што од почетокот на неговата борба тој отворено ги опиша Путин и неговите сојузници како гангстери кои ја имаат зграпчено и користено власта само за нивно сопствено богатење и исполнување на нивните сопствени амбиции.

Гледајте го Путин како лидер на мафијашка група. Ќе ги сфатите неговата бруталност, цинизам, склоност кон насилство, наклонетост кон нагласен луксуз – и неговата подготвеност да лаже и убива. Целото негово зборување за религијата, историјата, културата и политиката може да ги доведе во заблуда западњаците. Но, во Русија, сите знаат дека гангстерите отсекогаш сакале да се фалат со големи крстови, да позираат во цркви и да се претставуваат како борци за повисока правда и традиционални вредности, кои според нивното разбирање се сведуваат на немилосрден кодекс на однесување на професионален криминалец.

Гледајте го Путин како мафијашки бос и ќе разберете како да го казните и да му го забрзате крајот. Статусот им е многу важен на криминалните лидери – како во нивните банди, така и во надворешниот свет. Путин ја презеде власта во Русија, каде што може самиот да се прогласи за легитимен претседател или дури да се круниса како наследник на руските цареви. Но, зошто демократските земји продолжуваат да ја признаваат неговата криминална власт како легитимна? Зошто фер избраните светски лидери се ставаат на исто ниво со криминалец кој со децении фалсификувал избори, ги убивал, затворал или ги избркал од земјата сите негови критичари, а сега има започнато крвава војна во Европа со напад на Украина?

Не ветувам дека одбивањето да се признаат резултатите од руските претседателски избори овој викенд ќе доведе до инстантен пад на владата на Путин. Но, би бил важен сигнал за граѓанското општество во Русија и за елитите кои сѐ уште се лојални на Путин, како и за светот дека со Русија не владее претседател признат од сите, туку некој кој е презиран и јавно осуден. Само тогаш оние кои му остануваат лојални на Путин ќе почнат да гледаат дека единствениот начин за враќање во нормален економски и политички живот е да се ослободиме од него.

За криминалните лидери, парите се клучни. Путин е индиферентен кон страдањето на обичните луѓе и во Украина и во Русија. Не му е грижа за руската економија – сѐ додека има доволно пари да се одржат војската и безбедносните служби и да се наполнат неговите џебови и оние на неговите соработници. Единственото нешто што навистина го повредува Путин е губењето на приходите. Иако можеби ќе биде тешко тој директно да се таргетира во овој момент, можно е да се лиши неговиот внатрешен круг, неговите претставници и носители на одлуки, од нивните добивки стекнати на нечесен начин.

Лиши ги гангстерите од нивното богатство и тие ќе ја изгубат лојалноста кон нивниот лидер. Затоа повикувам на максимално проширување и внимателно спроведување на санкциите против сите повеќе или помалку истакнати политичари сојузници на Путин, таканаречени бизнисмени, државни службеници и службеници за спроведување на законот. Со лишување на илјадници влијателни личности од нивниот капитал и средства, ја поставувате основата за внатрешни поделби – и на крајот, пад на режимот.

Широката поддршка за Украина и за нејзината армија во борбата против неоправданата агресија на Путин стана природен морален избор за западните земји. Воениот пораз за Путин во Украина треба да ја турне неговата влада до работ на пропаст. Сепак, имало случаи во историјата каде поразот не довел до пад на диктаторот. Поразот на Садам Хусеин во Кувајт, на пример, не стави крај на неговото владеење, Хусеин и неговата банда го тероризираа народот во Ирак и соседните земји уште една деценија. За да се осигура дека владеењето на Путин нема да преживее уште една криза, вклучувајќи ги и оние предизвикани од воените неуспеси во Украина, од суштинско значење е да се поддржат силите кои продолжуваат да пружаат отпор од внатре во Русија.

Не верувајте дека сите во Русија го поддржуваат Путин и неговата војна. Русија е под сурова диктатура. Бројот на политички затвореници во Русија е три пати поголем од тоа што беше за време на борбата на советскиот систем со дисидентите. Се газат човековите права и нема слобода на говор или протест. Но, дури и во вакви тешки услови, народот на Русија наоѓа начини да протестира против репресивниот режим. Секоја можност за легално изразување на незадоволство станува масовен протест. Стотици илјади луѓе стоеја во ред надевајќи се да регистрираат кандидати кои изразуваат антивоени ставови на претседателските избори.

И погребот на мојот сопруг во Москва, исто така, стана повеќедневен протест. И покрај сите напори на властите, илјадници луѓе го посетија неговиот гроб, покривајќи го со цвеќиња. Луѓето знаат дека режимот ги следи сите оние кои ќе се осмелат да учествуваат – и дека подоцна може да бидат казнети – но, тие сепак се појавуваат, во Москва и низ цела Русија.

Најновиот повик на мојот сопруг до Русите беше да учествуваат во кампањата „Пладне против Путин“. Тој ги замоли сите противници на Путин да дојдат на гласачките места на пладне на 17 март, денот на изборите. Целта не е да се влијае на резултатите од гласањето, кои сепак ќе бидат фалсификувани и не е за да се поддржи која било од марионетите на Путин дозволени на гласачкото ливче. Алексеј сакаше ова да биде протест ширум земја, нагласувајќи ја нелегитимноста на изборот на Путин и отпорот на руското граѓанско општество.

Ги повикувам политичките лидери на Западот да им помогнат на сите руски граѓани кои се спротивставуваат на бандата на Путин. Ве повикувам конечно да го слушнете гласот на слободна Русија и да заземете принципиелен став против него – да не ги признаете резултатите од фалсификуваните избори, да не го признаете Путин како легитимен претседател на Русија.

Светот мора конечно да сфати дека Путин не е тој што сака да изгледа дека е. Тој е узурпатор, тиранин, воен злосторник – и убиец.


Јулија Навалнаја е вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.


Превод: Н. Цветковска