Пораката од Навални до Русите, во случај да биде убиен: Не смеете да се откажете, ако одлучат да ме убијат, тоа значи дека сме неверојатно силни

Во документарниот филм награден со Оскар од 2022 година „Навални“, критичарот на Кремљ, Алексеј Навални зборува за неговата порака до рускиот народ доколку биде убиен.

„Не смеете да се откажете. Ако одлучат да ме убијат, тоа значи дека сме неверојатно силни“, им порача Навални на Русите.

Затворениот руски опозициски лидер и отворен критичар на Кремљ, Алексеј Навални, кој стана светски познат кога беше отруен со нервен агенс во 2020 година, почина на 47-годишна возраст, соопшти руската затворска служба.

Навални долго време беше трн во окото на претседателот Владимир Путин, откривајќи ја корупцијата на високи места, водејќи кампања против владејачката партија Единствена Русија и организирајќи некои од најголемите антивладини протести видени во последниве години, пишува Си-ен-ен.

Светот е згрозен од смртта на рускиот опозициски лидер. ОН бараат веродостојна истрага од Русија, реакции пристигнаа од САД и Европските лидери.

Демонстрации во: Берлин, Виена, Варшава, Лондон, Мадрид, Ереван, Инстанбул и други европски метрополи по информацијата за смртта на Навални.

Американскиот претседател Џо Бајден денеска нагласи дека „не е изненаден“, туку „огорчен“за смртта Навални.

„Путин е одговорен за смртта на Навални…Тој храбро се спротивстави на корупцијата, насилството и сите лоши работи што ги правеше владата на Путин. Не правете грешка, Путин е одговорен за смртта на Навални…Она што се случи е уште еден доказ за бруталноста на Путин. Никој не треба да се залажува. Ниту во Русија, ниту дома, ниту каде било во светот“, потенцира Бајден во изјава од Белата куќа.

Подготви: Ј. Ѓ.