И покрај американското зелено светло за Полска да и помогне на Украина со испраќање борбени авиони, Варшава инсистира дека таквата одлука ќе мора заеднички да ја донесе НАТО.

Дека земјата нема такви намери, потврдија портпаролот на полската Влада, Пјотр Милер и шефот на полското Биро за национална безбедност Павел Солох.

„Ако е потребна одлука за испраќање авиони во Украина, мора да има договор во целото НАТО. Не сум слушнал ништо за никакво зелено светло од НАТО за таква одлука. Нема одлука за потенцијално испраќање авиони во Украина“, изјави Милер синоќа за ТВ Полсат, по повикот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека САД и дава зелено светло на Полска да и помогне на Украина со испраќање авиони.

Милер, повторно ја демантираше веста дека украински борбени авиони би можеле да полетаат од територијата на Полска, наведувајќи дека „нема ништо такво“.

Шефот на Бирото за национална безбедност, Павел Солох, денеска за приватната полска телевизија Н24 изјави дека кога се во прашање борбените авиони, нема никакви одлуки.

„Како што потврди Владата, не планираме да ги испратиме“, истакна Солох.