Повеќе од 43 000 луѓе се раселени по поплавите во Либија, во кои загинаа илјадници луѓе во градот Дерна, објави Меѓународната организација за миграција (ИОМ).
Поплава со големина на цунами проби две застарени брани на реките од градот, откако обилните дождови ја погодија областа на 10 септември. Цели населби беа уништени, а безброј илјадници беа однесени од поројот во Средоземното Море.
Официјалниот број на загинати се проценува на повеќе од 3 300, но конечните бројки се очекува да бидат значително повисоки. Меѓународните хуманитарни организации проценуваат дека околу 10 000 лица се исчезнати.
„Се проценува дека 43 059 лица се раселени поради поплавите во североисточниот дел на Либија“, соопшти ИОМ, додавајќи дека во други области „недостигот на вода принудува многу од раселените да го напуштат градот Дерна“.
„Итните потреби се однесуваат на храна, вода за пиење, ментална и психолошка помош“, наведуваат од организацијата.