Синоќа, Македонскиот народен театар имаше чест да ја отвори првата фестивалска вечер на новиот европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“ во Ќустендил, Бугарија. Претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ и во режија на Александар Морфов, беше одиграна пред преполна сала со 700 гледачи, кои ја наградија маестралната актерска игра со громогласни стоечки овации и петминутен аплауз.
Универзалната тема за апсурдноста на војувањето, која режисерот Морфов умешно ја преточил во претстава, силно ја допре публиката во Ќустендил, меѓу кои имаше и гледачи дојдени од Софија и од Македонија. Иако беа обезбедени преводи на бугарски и англиски јазик, речиси никој од присутните активно не ги следеше, затоа што публиката чувствено ја доживеа приказната преку импулсите на актерите, разбирајќи ја нивната емоција.
Во претставата играат врвните и искусни актери: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Александар Михајловски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.
Фестивалот „Acting Europe – Театар без граници“ е нова европска иницијатива, која ја степенува важноста на меѓукултурната разновидност на театарската сцена, преку претставување класични и современи продукции од различни земји. Целта е поттикнување уметничка размена, дијалог меѓу културите и создавање долгорочни партнерства.
Организаторите се фокусирани на копродукции создадени во духот на меѓународната соработка, кои го акцентираат потенцијалот за вмрежување, интердисциплинарни пристапи и поврзување преку границите.
Првото издание на фестивалот обединува реномирани театарски куќи од Македонија, Србија и Бугарија, со програма која освен претстави, нуди и палета на професионални и културни активности: работилници и обуки со претставници на Европската комисија од Брисел, посветени на европско финансирање и мобилност за театри. Настанот се реализира под покровителство на Европската Унија, со поддршка на Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, општина Ќустендил и Сојузот на артисти во Бугарија. Македонското учество е овозможено со поддршка на Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија, преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, финансирана од ЕУ.
Текстот Петминутен аплауз и стоечки овации за македонските актери и „Ничија земја“ на фестивалот „Театар без граници“ е превземен од МАКФАКС.