Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост (CRPD) денес објави дека најмалку 21.000 деца во Појасот Газа имаат некаков вид попреченост како резултат на војната меѓу Израел и Хамас, која трае речиси две години.

„Околу 45.500 деца претрпеле повреди предизвикани од војната“, додаде експертскиот комитет на ОН, кој се состанува двапати годишно во Женева.

CRPD нагласува дека Израел мора да спроведе посебни мерки за заштита на децата со попреченост од напади и да спроведе протоколи за евакуација на населението имајќи ги предвид лицата со попреченост. Во спротивно, смета CRPD, израелските повици за евакуација во Газа „честопати не стигнуваат“ до луѓето кои страдаат од оштетување на слухот или видот, што ја прави евакуацијата невозможна.

Експертите посочуваат на друг проблем поврзан со евакуацијата, а тоа е дека лицата со попреченост се „принудени да бегаат во опасни и недостоинствени услови, како што е лазење по песок или кал без помагала за движење“.

Лицата со попреченост, исто така, страдаат непропорционално од недостаток на храна, вода за пиење и недостаток на санитација и се зависни од други за преживување. Комитетот соопшти дека бил информиран дека најмалку 157.114 лица биле повредени помеѓу почетокот на војната на 7 октомври 2023 година и 21 август 2025 година, од кои повеќе од 25 проценти би можеле да имаат доживотни попречености.

Текстот ОН: Најмалку 21.000 палестински деца имаат попреченост од почетокот на војната во Газа е превземен од МАКФАКС.