Управата на Одбојкарскиот клуб „Ускана“ од Кичево прави напори во повеќе основни училишта од општината да отвори одбојкарски школи од каде ќе се регрутираат идните одбојкарки на клубот.

– За нашите долгорочни планови најважно е да обезбедиме што поширока играчка база од нашиот регион. Според сите досегашни анализи, најдоброто решение е во повеќето основни училишта во општината да отвориме паралелки со одбојкарски школи, каде ќе бидат селектирани најталентираните и најамбициозни млади одбојкарки кои ќе бидат утрешнината на клубот, изјави претседателот Башким Мехмеди.

Според него, на овој начин ќе се намали потребата за одбојкарки од страна кои чинат многу повеќе средства, а кои, како што вели, тешко можат да ги обезбедат.

– Со проширувањето на играчката база дома и зголемената конкуренција за најдобриот состав, ќе го подигнеме квалитетот и долгорочно ќе бидеме високо пласирани на прволигашката табела, истакна Мехмеди, кој на списокот на училишта од каде би се црпел играчкиот потенцијал ги спомна градските основни училишта и поголемите основни училишта во северниот регион.

Како што информираше, овие планови на клупската управа се очекува да почнат да се реализираат во наредните две години. 

Прикажи повеќе