Челниците на клубовите кои се дел од кошаркарската Евролига, денеска имаа состанок на кој беше решено дека и покрај зголемениот број на заразени играчи, првенството не треба да биде прекинато.

Одлуката која е најважна е дека ќе има скратување на периодот на изолација од 14 дена на 7 до 10 дена. Оваа одлука ја прифатија клубовите, а сега и официјално треба да ја потврди одборот на Евролигата.

Според договорот, еден клуб ќе може да бара одложување на меч, доколку во своите редови нема минимум осум кошаркари. Одложување може да бара до три пати, а потоа ако средбата не се одигра, ќе биде регистрирана со службен резултат од 20:0.

Веднаш по донесувањето на одлуката да нема прекин на првенството, одложени се три нови дуели. Во предвидениот термин нема да се играат мечевите Алба – Панатинаикос, Ефес Пилсен – Баерн Минхен и Жалгирис – Олимпијакос. Двата грчки клуба, како и турскиот Ефес се тие кои бараа мечевите да бидат одложени.