МОЌТА НА ТРАНСФОРМАЦИЈАТА: Предавници или шампиони на вредностите?

ЏАБИР ДЕРАЛА

Како и претходниот текст (Трамп-Орбановиот театар и грмотевицата на Бајден), овој текст не е само надворешнополитички коментар.

Го гледам краткото видео на CNN Opinion во кое врвни претставници на политичките, правосудните и воени кругови во САД решително и јавно прекинуваат со трампизмот и притоа јасно, недвосмислено и остро го критикуваат поранешниот претседател Доналд Трамп.

Мајк Пенс, поранешниот втор човек на САД за време на владеењето на Трамп јануари 2017 – јануари 2021, јасно и гласно се откажа од својата поддршка уште за време на политичкото насилство на 6 јануари 2021 година. Тој изјави дека „не може во добра совест да го поддржи Трамп.“ Пенс е само еден од долгата низа поранешни високи претставници на Трамповата администрација, кои денес тврдат дека на Трамп „не треба никогаш да му се дозволи ни да стапне во Белата куќа“ како што вели водителката Аби Филип (погледнете го видеото).

Поранешниот јавен обвинител Бил Бар (19 јули, 2023), за Трамп рече дека се однесува како „инаетливо 9-годишно дете“. И поранешните советници за национална безбедност го сторија истото. Џон Болтон (31 јули 2023) изјави дека нема место за двоумење меѓу Трамп и Бајден, додека ХР МекМастер (17 јануари 2021) изјави дека би било „ужасно поларизирачки“ за земјата Трамп дури и само да се кандидира за претседател.

Марк Еспер, поранешниот секретар за одбрана (19 јуни, 2023) рече дека доверувањето на највисоките државни тајни на Трамп би било неодговорно и дека тоа би било ризично за безбедноста на државата. Џим Матис, исто така државен секретар за одбрана во администрацијата на Трамп, изјави дека Трамп поттикнал побуна и не може да ја води нацијата, а шефот на кабинетот на Трамп изјави дека Трамп нема поим што претставува Америка. И Мајк Малвеjни, вршител на должноста шеф на кабинетот (8 јули 2022) оцени дека Трамп не успеал да биде претседател кога било најпотребно,

Листата е долга. Генерал Марк Мили, кој Трамп рече дека „не положуваме заклетва пред крал или кралица, тиранин или диктатор, ниту пред некој што посакува да биде диктатор” (на англиски: wannabe dictator).

Што е поентата?

Сите тие се негови поранешни политички сојузници или сопартијци, или биле поставени од Трамп.

Дали тоа е недоследност? Можеби превртливост?

Fox News (еквивалент на неколку македонски телевизии) и трол армиите на омразата сигурно ќе ги оценат овие постапки како предавство, платеништво, превртливост, па ќе побараат „народен суд“ (во превод – линч) за таквите.

Но дали се работи за превртливост, предавство и користољубие?

Не. Напротив.

Да се промени мислењето и ставот, па дури и политичката ориентација – не е срамен чин, ако се следат чувството на праведност и вербата во демократските вредности. А особено ако некој сака да ги постави јавниот интерес или безбедноста на државата пред лојалноста кон една личност која е закана за фундаментите на демократијата и државните интереси.

Всушност, тоа се луѓе кои ја извојувале најтешката битка – битката со себе. Тие покажале дека имаат волја и храброст да ги  препознаваат и признаваат сопствените грешки.

Луѓето со интегритет и достоинство поседуваат способност да ја осознаат реалноста таква каква што е и да ја согледаат својата улога во настаните. Тие луѓе имаат или успеале да изградат силни карактери, кои истапуваат пред својот колектив, заедница, нација или пред светот и даваат пример дека луѓето, нивните мисли и ставови можат да еволуираат.

За мене, тоа се нормални луѓе, кои се отворени кон можноста да научат нешто од искуствата и информациите со кои се стекнале во текот на својата служба во јавните или државните институции. Не се плашат од отровот што го сеат Фокс њуз или нивните еквиваленти, колку и да изгледаат масовни обвиненијата за „предавство“ кон нив. Не се плашат од заканите. И секако, не им потклекнуваат на притисоците, заканите или коруптивните понуди со пари или позиции.

Знаеме за интелектуалци, новинари и политичари кои покажале таква способност, насекаде, па и на оваа мала точка од планетата со официјалното име Северна Македонија. Некои од нив и лично познавам, а со некои и работам или соработувам. Секој човек, и во приватниот живот, се соочува со предизвици во од кои учи и се обидува да ги промени нештата. И јас лично сум ја почувствувал трансформативната моќ на личните одлуки и соочувањето со реалноста во животни ситуации што не биле ни оддалеку едноставни. (За тоа повеќе во мојот роман.)

Овде не станува збор за оние што тврдо се придржуваат кон еден ист наратив, а во основа веруваат само во моќта на парите и окупација на позиции во власта. И своите ставови и сојузништва ги одредуваат соодветно на личните амбиции и интереси, никогаш од вредности. Тие се измамници кои не знаат за вредности. За нив нема место во оваа приказна.


Текстот е личен став на Авторот | ЦИВИЛ МЕДИА