Трите најголеми аеродроми во главниот град Русија, Москва од рано утрово го прекинаа полетувањето и приемот на авионите кои пристигнуваат, објави руската новинска агенција ТАСС, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Возушниот простор е затворен над (аеродромите) ‘Внуково’, ‘Шереметјево’ и ‘Домодедово’“, изјавил неименувал официјален претставник, додавајќи дека влезните летови се суспендирани, а појдовните одложени.
Руските власти, како што се наведува, вчера и денеска наутро информирале за серија напади со беспилотни летала, вклучително и над Москва, обвинувајќи го Киев дека стои зад нив.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин изјавил дека руската армија рано утрово соборила две борбени беспилотни летала западно од главниот град на Русија.
Беспилотните летала, како што соопштил тој, биле соборени над градот Красногорск и населбата Части.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека армијата синоќа околу 23 часот по локално време соборила два украински дрона над Црното Море, на 40 километри северозападно од Крим.
Властите во Москва, исто така, информираат и за уште две беспилотни летала, соборени утрово во областа Брјанск, која се граничи со Украина.