Народот веќе не може да биде уценуван. Тоа го видовме и во овој втор круг. ВМРО – ДПМНЕ ја наметна приказната дека ако нивниот кандидат не победи, градот нема да функционира. Тоа не помина. Градот одби да биде уценет и градот е разбуден после првиот круг и сметаме дека во недела само ќе кулминира она кое го правиме со месеци, истакна денес на прес – конференција кандидатот за градоначалник од Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ.
„Сакам да се заблагодарам на секој поединечно за сите триесет илјади гласови со кои дојдовме во овој втор круг да се натпреваруваме за кормилото на Град Скопје. Тоа сметам дека покажа дека во овој град има храброст, има желба да се бира поинаку и сега сме тука. Зa сите работи кои можеме по изборите да ги очекуваме, јас сакам да им порачам на граѓаните дека ако ние ја добиеме поддршката и ако победиме во вториот круг, нашиот фокус од првиот ден ќе биде на човекот. Ние како градска власт ќе правиме сè по желбите на нашите граѓани. Веќе никогаш нема да има ни една политичка пресметка, ни една бизнис пресметка, ни една калкулација, економска шпекулација или било што, што може да биде поттик и мотив за една градска власт како што сме виделе досега. Ништо од тоа нема да биде пред приоритетот на благосостојбата на нашите граѓани“, порача тој.
Во недела, додаде тој, Скопје треба да се соочи со системот.
„И сметам дека со оваа политичка мобилизација која имаше во изминатите недели, Скопје може да се соочи со системот и да ја однесе победата. Ова не е веќе само борба на еден фронт, т.е. борба за нашиот град. Ова е веќе борба малку и поширока. Тоа е борба за демократијата во Република Македонија, затоа што ние сме моментално под еден авторитарен режим на ВМРО – ДПМНЕ и нивните коалициски партнери. Како сето тоа кулминираше? Кулминираше со избори за кои сметам дека ќе останат запаметени во историјата не само по убавото нешто што се случи, а тоа е влегувањето во втор круг на кандидат кој не е поддржан од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, но ќе се памти и по тоа како владеачките партии изреагираа на ова оспорување на статус-квото“, рече Мециновиќ.
Според него, ова била највалканата кампања во историјата на Република Македонија.
„Кампања која се однесуваше за личност, а не за нешто сторено, затоа што никогаш досега ВМРО – ДПМНЕ немаше противник на кој не може да му каже: вие ова продадовте, вие направивте тоа. Не, едноставно сега го видовме авторитарниот нарав на ВМРО – ДПМНЕ и притоа имаше многу кривични дела во самата кампања, што е еден страшен удар по демократскиот процес. Мислам дека можеме да се согласиме, но сè ова можеме само да го искоментираме и да преминеме преку него. Јас не знам, можеби, затоа што сум чаирско дете, па сè е ок, ама ситуацијата е многу сериозна. Ситуацијата не е весела, не е за смеење, затоа што тоа што се случува денеска со нашата кампања, утре може да се случи со вас новинарите. Можеби, може да се случи со сите политички неистомисленици на ВМРО – ДПМНЕ, како што го гледавме тоа минатото, а може да се случи и на недолжни граѓани. Ние сега имаме силен аларм дека за ВМРО – ДПМНЕ и за владеачката елита во Македонија не постои граница, не постои табу, не постои морал. Сите можни механизми кои им се останати на располагање ќе ги искористат, само и само за да останат на власт. Сè ова тие не го прават за доброто на граѓаните, не го прават за наше добро. Сè ова се случува за да се исполнат желбите на малкумина луѓе. Но, токму тоа е и нашиот поттик. Токму тоа ќе го донесе и до резултатот кој го очекуваме во вториот круг”, рече тој.
„Јас на 2 ноември ќе ги повикам граѓаните да излезат и да ја изберат опцијата против режимот. Ги повикувам на оваа крајно одговорна задача, затоа што во првиот круг јас бев кандидат на Левица, во вториот круг сум кандидат на Левица и на сите скопјани. Ако се случи победата која треба да ја однесеме во недела, таа нема да биде само победа на Левица – за тоа сме сите свесни. Многу различни групи на луѓе ќе се обединат, победата на оваа кампања и баш затоа што ќе биде надпартиска победата во недела. Таква ќе биде и власта, такво ќе биде и функционирањето. А ќе добиеме и една надпартиска атмосфера. Многу различни групи со различни верувања и мислења се собраа во интерес на оние два фронта кои ви ги зборувам од почеток. Фронтот за подобар град и фронтот против авторитарната рака на сегашниот режим“, образложи и порача кандидатот за градоначалник од Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ на денешната прес – конференција.
Текстот Мециновиќ: Градот одби да биде уценет, Скопје се разбуди по првиот круг е превземен од МАКФАКС.
 
		