Францускиот претседател Емануел Макрон денеска е во Тел Авив каде треба да се сретне со премиерот Бенјамин Нетанјаху, пренесува „Гардијан“.
Освен со Нетанјаху, Макрон се сретнал и со израелскиот претседател Исак Херцог и со опозициските лидери од политичкиот центар Бени Ганц и Јаир Лапид.
Францускиот претседател се очекува да повика на заштита на цивилите во Газа, додека Израел продолжува да бомбардира цели на Хамас во палестинската енклава и се подготвува за копнена офанзива чија цел е уништување на милитантната група која владее во областа.
Макрон пред медиумите рече дека нападот на 7 октомври е огромен шок за целата планета, особено во Франција.
„Го споделувам вашето мислење дека првата цел што треба да ја имаме е ослободување на сите заложници без никакво двоумење. Ќе направиме се што можеме за да ги вратиме мирот, безбедноста и стабилноста за вашата земја и за целиот регион. Тоа што се случи никогаш нема да се заборави, сигурно. И ние ќе бидеме овде денес, утре и задутре за мир и стабилност“, рекол Макрон на средбата со претседателот на Израел.