Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва го отпушти заменик-директорот на националната разузнавачка агенција Алесандро Морети и четворица раководители на сектори, по тврдењата дека бразилската разузнавачка агенција Абин незаконски ги шпионирала непријателите на поранешниот претседател на земјата, Жаир Болсонаро.
Морети е обвинет дека ја пренел информацијата на поранешниот шеф на Абин, Александар Рамагем, политичар од партијата на Болсонаро. Истрагата за наводно нелегално шпионирање на политичари и судии продолжува, бидејќи поранешниот претседател на Бразил тврди дека тоа е прогон на него и неговото семејство.
Но, со тоа не се согласува актуелниот прв човек на Бразил, кој ги отфрли тие наводи велејќи дека неговата влада не дава наредби на федералната полиција.
Врховниот суд на Бразил, како што јави Би-Би-Си, објави документи во кои агенцијата Абин е обвинета за следење и незаконско прислушување на клучни политички и судски фигури кои го критикувале поранешниот бразилски претседател, вклучително и тројца судии од Врховниот суд и претседателот на Долниот дом на Конгресот на Бразил.