Претседаттелите на партиите кои успеаја да освојат пратенички места во грчкиот парламент на изборите кои што се одржаа минатата недела, денеска седнаа на заедничка маса во Претседателската палата во Атина. Како што беше очекувано, средбата заврши без да се постигне договор, а Грција ќе добие привремена, службена влада што ќе има една единствена цел, да ја одведе земјата на избори на 25 јуни, јави МИА.

На покана на претседателката Катерина Сакеларопулу, согласно уставните одредби, на иста маса седнаа лидерите на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, на Сириза Алексис Ципрас, на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, на Грчко решение Кирјакос Велопулос, како и генералниот секретар на Комунистичката партија Димитрис Куцубас.

„Лидерите на партиите на средбата ја потврдија неможноста да се формира влада која ќе има довербата од парламентот. Лидерите на партиите ја отфрлија и можноста за формирање влада од сите партии во парламентот за одржување избори“, соопштија од кабинетот на грчката претседателка.

По ова, додаваат, дека претседателката најавила дека мандатот за формирање влада ќе му го довери на претседателот на Судот на ревизори, Јоанис Сармас.