„Преговорите Русија-Украина ќе бидат крунисани со успех на Москва“, вели рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во интервју за српски медиуми. Тој оценува дека шанси за решение има, а договорот ќе треба да биде потврден од страна на двајцата претседатели – Путин и Зеленски. Лавров откри дека клучно руско барање е запирање на убиствата на цивили во областа на Донбас. Според него, осум години траела репресијата на Киев врз цивилите во Донбас, а меѓународната заедница за ова прашање решила со години да молчи.

„Според она што јас го гледам, шанси да се постигне договор има, бидејќи сега постои разбирање за најгрубите долгорочни грешки на нашите западни партнери, иако од очигледни причини веројатно нема да го кажат тоа гласно“, изјави Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија.

И украинскиот претседател Володимир Зеленски, во последното интервју, кажа дека за прашањето за Донбас ќе се преговара, но најпрвин бара да се повлечат руските трупи.

„Разбирам дека е невозможно Русија целосно да се откаже од територијата. Знам дека тоа ќе доведе до Трета светска војна – целосно разбирам, свесен сум… Затоа велам „да“, може да дојдеме до вистински компромис, но да се вратиме таму каде што бевме пред да започне сè ова, па да се обидеме да го решиме прашањето за Донбас, сложеното прашање за Донбас…“, рече Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Областа Донбас е сочинета од регионите Доњецк и Луганск, кои пред почетокот на војната, Путин ги призна за независни народни републики. Последно, администрацијата во Луганск најави дека ќе организира референдум за припојување кон Русија, а од Киев кажаа дека ваквиот референдум би бил ништовен. Дури и Москва соопшти дека е рано за нешто такво. Нова рунда преговори меѓу двете делегации е закажана за утре во Истанбул, а Кремљ не ја отфрла можноста наредниот состанок потоа да се одржи во Белград.

Лука Андреев