По повод Денот на независноста на Украина, Chargé d’Affaires a.i. на Украина во Република Северна Македонија, Дмитро Керечанин одржа говор пред бројните присутни, меѓу кои беа и владиниот врв, дипломатскиот кор и медиумите.
„Денес го одбележуваме најважниот празник на Украина и Украинците – Денот на Независноста на Украина. Благодарение на сите Вас, денес не сме сами, туку го славиме нашиот празник заедно со пријателите. Нашата држава исто така денес не е оставена сама. Украина е опкружена и поддржана во борбата против рускиот агресор од десетици земји ширум светот. Меѓу нив е и Северна Македонија. Благодарни сме им на сите партнери на Украина, сите без исклучок, за помошта што ни овозможува да преживееме во ова тешко време“, рече Керечанин во своето обраќање.
Тој се осврна и на историјата низ која „украинскиот народ беше принуден постојано да се бори за слобода и независност“ и дека таа борба сѐ уште трае. Тој нагласи дека Украина сѐ уште се бори за своето право да постои.
Керечанин истакна дека Украина својата слобода и независност им ја должиме на украинските херои „од кои многумина загинаа на бојното поле за украинската државност, за нашата безбедност и нашите животи“. Украинскиот дипломат притоа ги повика присутните да им оддадат почит на загинатите бранители и бранителки со минута молк.
„Целиот наш народ денес слави ден кој ја симболизира слободата, националното достоинство, независноста и гордоста. Нека овој ден биде исполнет со гордост, чувство на единство и патриотизам. Нека не потсети колку е важно да бидеме заедно, колку е важно да се поддржуваме еден со друг и да се грижиме за нашата заедничка иднина“, рече Керечанин.
На крајот, тој посака „што е можно поскора Победа над непријателот, воспоставување на праведен мир во Украина и благосостојба за секое украинско семејство“.
Својот говор го заврши со светски познатиот извик „Слава на Украина“, на што присутните громогласно одговорија со „на хероите слава“.
ЦивилМедиа