Унгарската полиција спроведува решителна акција против алчните сопственици на угостителски објекти кои систематски ги ограбуваат туристите наплаќајќи им ги нарачките по вртоглави цени.

Во кафуле во центарот на Будимпешта келнери биле фатени на дело кога германски турист одбил да плати 210.000 форинти (повеќе од 580 евра) и кому поради тоа му се заканувале. Полицијата ги уапсила и сопственичката на објектот и нејзиниот син, па тие ќе бидат изведени пред истражен судија.

Туристот рекол дека сакал само да пие кафе, а келнерите постојано носеле пијалаци кои тој не ги нарачувал, а кога одбил да плати, му се заканувале дека ќе повикаат полиција и ќе му наплатат преведувач.

Поплаките против угостителите кои не бираат средства да ги искористат туристите може редовно да се читаат на туристичките форуми. Впрочем, полицијата поради измамите, веќе извесно време го следи пабот, а сега доби и можност да го фати персоналот директно вмешан во организирано криминално дејствување. Истите сопственици водат уште два локала во Будимпешта, од кои едниот е на доста популарно шеталиште за туристи. (МИА)