Русија дневно губи околу 1.000 војници, што е околу три пати повеќе од украинските загуби, изјави синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави украинскиот Киев Индепендент.
„На пример, вчерашните податоци, кои се приближно просечни, покажуваат дека руските загуби дневно биле околу 500 до 1.000 убиени и 500 ранети“, рече Зеленски.
Подеталните бројки на Зеленски за понеделник покажуваат дека бројот на убиени руски војници е 531, ранети се 428 и заробени се девет. Украинските загуби за истиот ден биле 340, вклучувајќи 18 убиени, 243 ранети и 79 исчезнати.
Зеленски рече дека односот на загубите е приближно 1 спрема 3 – руските загуби се три пати поголеми.
Украинската војска проценува дека вкупните загуби на Русија во Украина од почетокот на војната во февруари 2022 година надминале еден милион убиени, ранети и заробени војници, што е во согласност со западните проценки. Москва не објавува официјални бројки за своите загуби.
Јунската студија на Центарот за стратешки и меѓународни студии процени дека 400.000 украински војници биле убиени или ранети од 2022 година, бројка блиска до онаа што Зеленски ја даде во декември.
Во исто време, според Зеленски, Русија има предност во жива сила од 1 спрема 3 и предност во артилерија од 1 спрема 2,4. Украина, сепак, има предност во беспилотни летала FPV од 1 спрема 1,4, а овој сооднос би можел да се зголеми на дури 1 спрема 4 доколку се обезбеди дополнително финансирање од европските партнери.
Киев долго време се соочува со недостиг на пешадија и нема капацитет да ги надомести загубите со иста брзина како Русија. Поради ова, ослабената одбрана на Украина отвора потенцијални можности за руски напредувања.
Според извештаите, на почетокот од оваа недела, руските сили напредувале до 10 километри во близина на Добропила во регионот Донецк, како дел од поширока офанзива помеѓу два важни и силно бранети градови – Покровское и Костантиновка.
Зеленски во јануари изјави дека украинската армија има околу 880.000 војници наспроти руската сила од 600.000 војници, но Русија сè уште има бројчена предност во одредени области благодарение на концентрацијата на силите.
Фото: ЕПА
Текстот Зеленски: Русите губат до 1.000 војници дневно, три пати повеќе од нас е превземен од МАКФАКС.