За трансплантација на бубрези во земјава чекаат 140 пациенти, околу 15 за трансплантација на срце и околу 14 за црн дроб. Надлежните велат медицински персонал има, но, потребно е да се едуцираат уште екипи, а треба да се работи и на зголемување на свеста за органодарителство, иако на овој план е направен напредок во изминатиот период.

Дека навистина сево ова ја враќа довербата во медицината, потврдуваат и пациентите со трансплантирани органи.

Среќен сум што имам ново срце, што почнав нов живот. Да не постоеше донирање, немаше да бидам толку среќен и немаше да ми биде толку убаво. Многу е тешко да се чека што било, а замислете колку е тешко да се чека да се добие срце. Јас дочекав, имав таква среќа. Се заблагодарувам на фамилијата на човекот од кого добив срце, во контакт сум со неговите блиски. Најчовечки се прифативме, открива  Дарко Голубовски.

Како што му било кажано, неговиот донор уште додека бил жив, изразил желба дека ако му се случи нешто, неговите органи да бидат донирани, за да спасат нечиј живот.

Навистина, тој го спаси мојот живот. Што да кажам, уште кога ми се јавија и ми кажаа дека има донор, бев многу среќен. Моето срце го изгубив, ми останува, ова срце да го чувам. Денот кога добив ново срце, е мој нов роденден, нов живот, вели Голубовски, посакувајќи им на сите да добијат нова шанса.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.