Европската комисија ја одобри заедничката инвестиција на шведски „Волво“ и француски „Рено“ за создавање компанија за развој, производство и продажба на лесни електрични комерцијални возила и за обезбедување на логистички услуги.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, одлуката е донесена во рамки на Регулативата за спојување на ЕУ, откако Еврокомисијата процени дека здружувањето нема да предизвика нарушување на конкурентноста на европскиот пазар.
Одлуката за одобрувањето на заедничката инвестиција беше донесена врз основа на поедноставената процедура за контрола на здружувањето на компаниите, се додава во соопштението на Еврокомисијата.
Согласно договорот за инвестирање, „Волво“ и „Рено“ ќе поседуваат по 50 проценти од акциите на заедничката компанија.
Лесните комерцијални електрични возила што ќе се произведуваат во фабриката во почетокот ќе бидат наменети за пазарите во Европа, а подоцна и во останатите делови од светот.