Адријан Керими
Албанците го слават 28 ноември, Денот на знамето и 109-годишнината од независноста на Албанија. Централната манифестација се одржа во Валона, каде за оваа годишнина беше подигнато црвено-црното знаме.
На церемонијата присуствуваа претседателот Илир Мета, премиерот Еди Рама, претседателката на Собранието Линдита Никола и владиниот кабинет. Во пресрет на независноста, Рама го промовираше почетокот на работите на меѓународниот аеродром во Валона.
„Не дека сакам да верувам, туку верувам со сета сила на умот и срцето дека овој аеродром е историско дело не за Валона, туку за Албанија и Косово и сите Албанци“, изјави Еди Рама, премиер на Албанија.
Манифестација имаше и во Косово. Активностите беа фокусирани на комплексот Јашарај во Преказ, додека претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти поставија венец во гробот на Адем Демачи.
„Ова е ден кој не исполнува со радост и гордост, но и со одговорност. Затоа што задачите пред нас е да се подигне благосостојбата на Албанците и нашите граѓани, да се развие земјата, да се зголеми демократијата – тоа е поважно од кога било досега“, рече Албин Курти, премиер на Косово.
Во Приштина беше поставено знаме со портретите на поранешниот претседател Хашим Тачи и поранешниот претседател на парламентот Кадри Весели. Во меѓувреме, во Северна Македонија, поради трагедијата на 23 ноември беа откажани сите активности планирани за Денот на знамето./Алсат.мк