Kонфликтите на Блискиот Исток и Украина, зголемениот популизам и загриженоста за вештачката интелигенција ќе доминираат на агендата на Светскиот економски форум. Почетокот на Форумот го одбележаа и протести на екологистите обвинувајќи ги светските лидери за недоволно посветеност кон климатските ризици.
Стравувањата од климата додаваат итност на дебатата за зелена технологија која ќе биде главна тема за дебата во Давос, а агендата на СЕФ содржи бројни сесии за обновливите извори на енергија.
Според Financial Times капацитетот за обновлива енергија е во постојан пораст, а интересот за зелените технологии иако изгледа дека се широко прифатени во јавноста, сепак, помал е процентот на луѓето кои се подготвени да ги прифатат новите технологии како што се вештачката интелигенција, медицината базирана на гени и генетски модифицираната храна, за разлика на оние кои ги отфрлаат. За иновациите во животната средина, процентот е повисок иако најголем процент е на луѓето кои се загрижени за климатските промени.
Како што наведува Financial Times на краток рок (т.е. следните две години), еколошките ризици се наоѓаат покрај дезинформациите, геополитичките конфликти и сајбер заканите како теми што ги загрижуваат делегатите на СЕФ. На подолг рок (т.е. следните 10 години), еколошките теми ги заземаат првите пет места на листата на критични прашања.
Со оглед дека глобалната економија во моментов е дефинирана со нестабилност и несигурност, на што меѓу другите фактори и конфликти, првенствено влијаат руската агресија врз Украина и конфликтот во Појасот Газа, 2024 се предвидува да биде година на многу непредвидливости, кои ќе ги стават глобално на тест зелените бизниси. Најдобриот начин да се минимизираат ризиците е да се лобира и инвестира во зелените технологии и зелените деловни практики и независно од глобалните политики да не се отстапува од нив.
Долгорочна стратегија за климата, природата и енергијата на Светскиот економски форум во Давос
Извештајот за глобални ризици на Форумот за 2024 година открива дека еколошките ризици сочинуваат половина од првите 10 ризици во следните 10 години, при што екстремните временски настани, критичните промени на системите на Земјата, губењето на биолошката разновидност и колапсот на екосистемот се првите три.
Лидерите оваа недела ќе разговараат за тоа како може да се развие долгорочен системски пристап за да се постигнат целите на јаглеродно неутрален и позитивен свет до 2050 година, притоа обезбедувајќи достапен, безбеден и инклузивен пристап до енергија, храна и вода.
Донесувањето на ваква стратегија ќе биде предизвик за светските лидери имајќи ја предвид геополитиката која секогаш е тесно поврзана со глобалната економија.
Подготви: Б. Ј.