Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка

Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.

Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.

За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.

САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.

„Палестина ќе продолжи со напорите да добие полноправно членство во ОН“, рече тој во изјавата.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, рече дека телото ја поздравило „терористичката држава“ во своите редови.

Обраќајќи му се на собранието, тој скрши копија од Повелбата на ОН – обвинувајќи ги членовите дека метафорично го направиле токму тоа со донесувањето на резолуцијата.

Тоа доаѓа во време на извештаите дека неколку европски земји планираат да ја признаат палестинската држава.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во четвртокот изјави за шпанската телевизија RTVE дека Шпанија ќе го стори тоа на 21 мај. Тој претходно рече дека Ирска, Словенија и Малта исто така ќе го направат чекорот, без да го потврди датумот.

Резолуцијата на ОН од петокот ѝ дава дополнителни права на Палестина во светската организација, дозволувајќи ѝ целосно да учествува во дебатите, да предлага точки од дневниот ред и да има нејзини претставници избрани во комисиите.

Сепак, таа сè уште нема да има право да гласа – нешто што Генералното собрание нема овластување да го даде и би морало да биде поддржано од Советот за безбедност.

Прашањето за палестинската државност ја вознемирува меѓународната заедница со децении.

Во 1988 година, Палестинската ослободителна организација (ПЛО), главниот претставник на Палестинците, за прв пат прогласи формирање на Држава Палестина.

Според новинската агенција Ројтерс, палестинската државност ја признале 139 од 193 земји-членки на ОН – иако тоа во голема мера се смета за симболично.

Во пракса, Палестинците имаат ограничено самоуправување преку Палестинската управа  во делови на Западниот Брег окупиран од Израел. Палестинската управа ја загуби контролата врз Појасот Газа од Хамас во 2007 година. ОН ги сметаат двете територии како окупирани од Израел и се состојат од еден политички ентитет.

Израел не ја признава палестинската државност и сегашната израелска влада се противи на создавање палестинска држава на Западниот Брег и Газа. Таа тврди дека таквата држава би била закана за постоењето на Израел.

САД го поддржуваат создавањето на независна палестинска држава заедно со Израел – таканареченото решение за две држави за израелско-палестинскиот конфликт – но велат дека таквата држава треба да дојде само преку директни преговори меѓу двете страни.

Минатиот месец, САД го искористија своето вето како една од петте постојани членки на Советот за безбедност за да ја блокираат широко поддржаната алжирска резолуција со која се бара прием на Палестина како држава, нарекувајќи ја „предвремена“.

Резолуциите на Советот за безбедност се правно обврзувачки, додека резолуциите на Генералното собрание не се.

Ј. Ѓ.