Додека жените, децата и старите лица бегаат од земјата преку коридори за хуманитарна евакуација, мажите го чекаат својот ред да се вооружат во одбрана на татковината. Овој татко со солзи во очите го поздравува семејството.

Илјадници мажи чекаат на ред во главниот град на Украина, Киев, за да се пријават и да им се придружат на украинските вооружени сили. Украинскиот регрутер вели дека тоа и го должат на својата татковина.

„Тоа е моја работа. Сакам да бидам од помош. Сакам да помогнам. Сакам да заштитам. Сакам да се борам. Сакам моето семејство да се врати во Украина што е можно поскоро. Ќе дадам сè од себе“, изјави Вјачеслав Радченко, украински регрутер.

На снимката се гледа како овие мажи избираат панцири и елеци за потоа вооружени да продолжат да се распоредуваат низ стратешките точки на земјата.

„Знаеме зошто сме тука. Знаеме зошто ја браниме нашата земја. И нашите момци кои всушност стојат таму и се борат со руските воени сили, знаат што прават. Тие Русите, не знаат. Знаеме што правиме и за тоа ќе победиме“, нагласи Володимир Ониско, украински волонтер.

Украинскиот претседател Зеленски ги повика доброволците од целиот свет да се приклучат во антируски фронт. Повеќе од 16.000 странски државјани веќе учествуваат во војната на страната на Украина.

„Украинскиот народ, украинската армија, Зеленски… сè беше инспиративно. Иако земјата е под опсада, сите се подеднакво мобилизирани за отпор“, изјави Марк Ејрес, ветеран на британската армија.

Украинската влада на првиот ден од војната на 24 март им забрани на мажите на возраст од 18 до 60 години да ја напуштат државата и веднаш беше прогласена општа мобилизација.

Аднан Ќаили