Во Естонија почнаа изборите за Европскиот парламент

Во Естонија денеска почна гласањето за новото свикување на Европскиот парламент. Изборите за Европскиот парламент официјално траат од 6 до 9 јуни, а најголем број земји ќе гласаат во недела на 9 јуни.Во Естонија, пак, гласањето почнува три дена порано, а граѓаните на оваа земја ќе гласаат до сабота до 20 часот, пренесува Политико.

Оваа земја во следното свикување на Европскиот парламент ќе има седум од вкупно 720 пратеници.

Конзервативната партија „Татковина“ на поранешниот министер за надворешни работи, Урмас Реинсалу, водеше во анкетите во изминатите шест месеци, спротивставувајќи се на зелените мерки и повикувајќи на поголем надзор на изградбата на железничката мрежа што го поврзува Балтикот со Полска.

Оваа недела граѓаните од сите 27 земји-членки на ЕУ ќе изберат ново свикување од 720 пратеници во Европскиот парламент, кои заедно со другите институции на ЕУ ќе ја обликуваат политиката на ЕУ за следните пет години.

Изборната трка привлекува големо внимание во јавноста, пред се поради тоа што се очекува новото свикување на ЕП да се сврти нагласено кон десно, по подемот на десничарските и крајно десничарските партии во последните години низ Европа.