Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) соопшти дека, според локалното Министерство за здравство, од 1 април досега во Појасот Газа од глад и дехидрација починале 28 деца.
Според податоците на хуманитарната организација Оксфам, која се бори против нееднаквоста и сиромаштијата, Палестинците во северниот дел на Газа преживуваат во просек со по 245 калории дневно, а според најновите проценки, повеќе од 50.000 деца на возраст под пет години се акутно неухранети.
Во соопштението на OCHA се наведува и дека, според податоците на Светската здравствена организација, болницата Камал Адван во северниот дел на Газа секој ден прима најмалку 15 неухранети деца.
Според податоците на Светска банка и ОН, директната штета поради уништената инфраструктура во Појасот Газа до почетокот на април изнесувала околу 18,5 милијарди долари, што е 97 отсто од бруто домашниот производ од 2022 година на таа територија.
Ситуацијата особено ја отежнува фактот што 60 отсто од куќите или становите се уништени, што значи дека најголемиот број Палестинци нема да имаат каде да живеат долго по завршувањето на војната.
Можеби полошо од тоа е фактот што речиси 80 отсто од индустриските и трговските објекти, како и услужните објекти, се уништени или сериозно оштетени во нападите на израелската армија.
Г. Т.