На Волстрит, берзанските индекси во средата вратија дел од загубите од претходниот ден, бидејќи инвеститорите беа донекаде охрабрени од послабите од очекуваните податоци за вработеноста во приватниот сектор во САД.
Dow Jones зајакна 0,39 отсто, на 33 129 поени, додека S&P 500 порасна за 0,81 отсто, на 4 263 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,35 отсто, на 13 236 поени.
По остриот пад завчера, индексите вчера повратија дел од загубите бидејќи инвеститорите беа охрабрени од извештајот на агенцијата за вработување АДП, според кој бројот на вработени во приватниот сектор во септември се зголемил за 89 000, додека аналитичарите очекуваа околу 160 000.
Ова е значително помалку отколку во август, кога 180 000 Американци најдоа работа во приватниот сектор. Овие податоци ја подгреаја надежта дека пазарот на трудот се „лади“, што треба да ја „олади“ и потрошувачката и инфлацијата.
Но, инвеститорите остануваат внимателни бидејќи официјалниот извештај за вкупните вработувања во САД за септември треба да се објави во петок.
Во анкетата на Ројтерс, аналитичарите процениле дека во тој месец бројот на вработени се зголемил за 170 000, што е помалку отколку во август, кога растот бил 187 000.
Тој извештај би можел да има значително влијание врз насоката на пазарот бидејќи може да влијае на очекувањата во однос на понатамошното движење на каматните стапки.