На Волстрит, берзанските индекси паднаа во четвртокот, бидејќи инвеститорите беа разочарани од кварталните деловни резултати на неколку компании, вклучувајќи ги „Тесла“ и АТ&Т.

Advertisements

Dow Jones загуби 0,33 отсто, на 33 786 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,60 отсто, на 4 129 поени, а индексот Nasdaq 0,80 отсто, на 12 059 поени. Падот на индексот се должи на остриот пад на цените на акциите на неколку големи компании, по послабите од очекуваните деловни резултати во првиот квартал.

Така, цената на производителот на електрични автомобили „Тесла“ потона за 9,7 отсто, а на телекомуникацискиот гигант AT&T повеќе од 10 отсто.

Не се баш светли и очекувањата за целата сезона на објавување резултати. Според последните проценки на аналитичарите во анкетата на Ројтерс, заработката на компаниите од индексот S&P 500 ќе биде за околу 5 отсто помала во првиот квартал отколку во истиот квартал минатата година.

Од почетокот на годината цените на акциите силно пораснаа. Затоа, деловните резултати на компаниите за првиот квартал претставуваат, велат аналитичарите, тест дали овој раст е оправдан.